Еди Херн, кој е менаџер на поранешниот светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, верува дека Тајсон Фјури ќе го победи Александар Усик во евентуална идна пресметка меѓу светските шампиони.
„Мислам дека Тајсон Фјури ќе го победи Александар Усик. Се обложувам на овој развој поради разликата во големината, движењето. Тоа би бил интересен меч, иако можеби не е многу интересен за гледање“, изјави Херн во подкастот „True Geordie“.
Да потсетиме дека Тајсон Фјури успешно ја одбрани светската титула во тешка категорија на ВБЦ, нокаутирајќи го во 11-та рунда Дионтеј Вајлдер во главниот судир на вечерта што се одржа на 9 октомври во Лас Вегас и се уште нема пораз во професионалната кариера (31 победа (22 со нокаут) и 1 нерешено (против Дионтеј Вајлдер во првиот судир меѓу двајцата)).
„Верувам дека Еј Џеј може да победи секого“, рече Херн за својот боксер, Ентони Џошуа, кој ја загуби светската титула во тешка категорија (ВБА Супер, ВБО, ИБФ и ИБО) по втор пат во кариерата, со едногласна одлука од Александар Усик на бокс галавечерта одржана на 25 септември на стадионот на фудбалскиот тим Тотенхем.