Херн: Џошуа против Вајлдер е борба што сите би сакале да ја гледаат

Промоторот на Џошуа, Еди Херн, останува скептичен за одлуката на Тајсон Фјури да не се врати во рингот.

Но, без разлика што во моментов се чини дека нема да има ништо од големиот британски дуел меѓу Еј Џеј и Џипси Кинг, шефот на Мечрум има неколку потенцијални противници за својот борец.

Херн неодамна изјави дека на списокот има седум можни противници – Мартин Баколе, Дилиен Вајт, Жилеј Жанг, Агит Кабајел, Даниел Дубоа, Џозеф Паркер, а особено би бил среќен доколку тоа биде Дионтеј Вајлдер.

Имено, Еј Џеј и Бронзениот бомбардер, двајца поранешни светски шампиони, неколку години беа поврзувани за пресметка, но нивниот дуел никогаш не се случи.

Во текот на изминатите неколку години и двајцата претрпеа неколку големи неуспеси и тешки порази.

Вајлдер ги загуби последните две борби, од Џозеф Паркер и со нокаут против Жилеј Жанг, додека Џошуа беше брутално нокаутиран во петтата рунда од актуелниот шампион на ИБФ Даниел Дубоа.

Џошуа и Вајлдер сакаат да ги вратат своите кариери на вистинскиот пат. И додека британскиот тешкаш се уште го чека следниот противник, Бронзениот бомбардер договори меч против Кертис Харпер.

Ако Вајлдер победи во борбата за враќање, Херн е отворен за договор и можна борба против Џошуа.

„Борбата против Дионтеј Вајлдер е секогаш голема. Ќе биде интересно да го видиме во рингот по поразот, а доколку победи тогаш би можеле да се договориме. Имаме неколку потенцијални кандидати за Џошуа. И Дилиен Вајт е на списокот, не знам. Имаме неколку имиња и Еј Џеј дефинитивно ќе се бори со едно од нив. А Џошуа против Вајлдер е борба која секој би сакал да ја види“, изјави Еди Херн, а за тој меч е заинтересиран и Турки Алалших, шефот на боксерскиот проект Сезона во Ријад:

„Нема сомнение дека ќе биде одличен меч, сакам да ги видам Џошуа и Вајлдер во рингот. Ако Тајсон Фјури се држи до својата одлука, зошто да не ја гледаме борбата меѓу Џошуа и Вајлдер“?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО