Еден од поинтригантните натпревари во прелиминарниот дел на настанот УФЦ 310 секако беше оној меѓу Мовсар Евлоев и Алџамејн Стерлинг. Двајца врвни борци со својата репутација заработија место на „главната карта“, но УФЦ сепак ги позиционираше на „прелиминарните“.
Мечот привлече големо внимание бидејќи донесе одговори на некои важни прашања. На УФЦ перо категоријата ѝ треба свежа крв во борбата за појасот, а Евлоев и/или Стерлинг се едни од главните кандидати да се вклучат во таа трка. Мовсар Евлоев е непоразен во досегашната кариера (19-0), но Алџамејн Стерлинг како поранешен шампион во бантам категорија требаше да му послужи како еден од посериозните тестови во досегашната кариера.
Мора да признаеме дека Аљо не разочара. Имаше многу добар настап, дури шест пати успеа да го собори Евлоев и се покажа како повеќе од достоен, речиси рамноправен противник. Сепак, Евлоев победи со едногласна одлука на судиите по 15 минути борба, ја постигна деветата победа во деветиот настап во рамките на УФЦ и ќе го задржи местото во топ 5 на листата на предизвикувачи (моментално е петти). Иако во рангирањето се пред него четворица борци, Хабиб Нурмагомедов јавно повика да му се дозволи на Евлоев да го нападне појасот.
„19-0 во ММА и 9-0 во УФЦ. Мислам дека Мовсар заслужува удар за титулата“, рече Хабиб Нурмагомедов преку Инстаграм.
Вообичаена практика во УФЦ е дека борците од територијата на поранешниот СССР мора да нанижат многу победи, значително повеќе од некои други борци, пред да го нападнат појасот. Хабиб се избори за појасот по седум последователни победи, на Мераб Двалишвили му требаа дури 10, како и на Ислам Махачев. Долго чекаше и Магомед Анкалаев, а сега Мовсар Евлоев има девет последователни победи, но се уште нема можност да го нападне појасот. Не е исклучено да му треба уште една победа, а некои сметаат дека не заслужил ниту да слави синоќа“.
„Аљо (Стерлинг) имаше поголема контрола на овој меч. Требаше да победи“, изјави Хенри Сехудо, а борците како Дилон Данис, Содик Јусуф, Винс Моралес, Били Кварантиљо итн. очекуваа и Стерлинг да биде победник на овој меч на крајот од третата рунда.
Сепак, Евлоев победи, а сега треба да видиме што понатаму планира УФЦ. Многу навивачи повикуваат на реванш со Диего Лопез, а победникот од тој меч би го нападнал појасот кој го држи Илија Топурија. Веруваме дека ова е најверојатната опција.