Неоспорниот и непоразен шампион во лесна категорија Хабиб Нурмагомедов ќе ја брани титулата против Дастин Пориер овој викенд во Абу Даби во главната борба на УФЦ 242, притоа шампионот очекува рекордна заработувачка.
„Орелот“ стана огромна ѕвезда откако минатата година го совлада Конор Мек Грегор, а неговите акции пораснаа. Нурмагомедов од средбата со Мек Грегор зема загарантирани два милиони американски долари, а со процент од продадените гледања (ППГ), неговата заработка надмина 10 милиони долари.
Како и да е, сега ќе биде поинаку затоа што ѕвездата потпиша нов договор со организацијата и неговиот татко Абдулманап очекува сериозно зголемување на приходите.
„Веќе заработиме 3 или 3,5 пати повеќе пари отколку што направивме во последната битка. Нема да се бориме за кикирики, затоа што знаеме колку чиниат. За нас 2 милиони долари се мали затоа што во моментов сме најдобри.
Веќе ги победивме најдобрите и сега ќе се бориме со другите најдобри. Сега сме познати и ќе видите како ќе нè поздрават во салата и како ќе го поздрават Пориер“, изјави Абдулманап.
Се очекува Хабиб да собере загарантирани 6 милиони долари од средбата со Пориер, во која нема да бидат вклучени процентите од ППГ.