По долго време Македонија ќе има боксер на силниот Меѓународен турнир „Странџата купот“ во Бугарија, кој се смета за неофицијално светско првенство,тоа е најдобриот македонски боксер во последните неколку години Гоце Јанески.
Гоце Јанески е освојувач на Златниот гонг во 2016 година, во 2017 е најдобар боксер во Регионалната лига во категоирјата до 75 килограми, настапувајќи за Пинк Пантер од Штип со скор 7-2, при што едната борба ја загуби во добитна позиција поради повреда, а другата со судиски заврзлами.
Јанески ќе настапи на Странџата како член на ЦСКА од Софија каде што тренира веќе два месеци под надзор на легендата на бугарскиот бокс Михаил Таков. Славниот клуб, како еден од најодбрите во Европа, може да се пофали дека од неговите редови се Кубрат Пулев кој се бореше за светската титула со Владимир Кличко и кој поврторно ќе има борба за светски првак, како и неговиот брат Тервел Пулев.
„Гоце е добро прифатен во славниот бугарски клуб. Тренира по два пати дневно. Многу се силни тренинзите и се прават многу спаринзи. Ги има сите услови за бокс и целосен развој, а тоа му го овозможува најјакиот бокс клуб во Бугарија, но и во Европа“, вели неговиот татко Љупчо Јанески.
По настапот на Странџата од 13 до 20 февруари, за репрезентацијата на Македонија ќе настапи на Европското првенство за боксери до 22 години на 7 март во Владикавказ, Русија.