Френсис Нгану пристигна во Ријад за да го поддржи Израел Адесања.
Овој викенд Израел се враќа во кафезот за да биде предводник на настанот УФЦ Фајт најт 250 во Саудиска Арабија. Противник во борбата во средна категорија ќе му биде Насурдин Имамов. Адесања и Нгану се добри пријатели и се поддржуваат еден со друг уште од претходните години во УФЦ.
Двајцата беа шампиони во исто време и се прогласија за африкански кралеви на УФЦ. Нгану денес е борец на ПФЛ, а Адесања повеќе не е шампион. Френсис го напушти УФЦ пред 2 години откако не успеа да се договори со лигата за нов договор. Замина како шампион во тешка категорија.
Оттогаш, Нгану заработи 30 милиони долари од боксерските мечеви со Тајсон Фјури и Ентони Џошуа. Минатата година го победи Ренан Фереира и стана шампион на ПФЛ. Оваа борба му донесе околу 10 милиони долари, па Нгану го направи вистинскиот потег со напуштањето на лигата.
Сепак, тоа го налути Дана Вајт, кој постојано го критикуваше и велеше дека Нгану е лицемер и никогаш повеќе нема да работи со него. Френсис ќе ја гледа борбата на Адесања и најверојатно во живо ќе налета на својот поранешен работодавец, кој не е негов голем обожавател.