Украинскиот боксер Aлександaр Усик го победи Тајсон Фјури со поделена одлука на настан во Ријад пред еден месец и ги обедини шампионските појаси во тешка категорија.
По 25 години Усик стана апсолутен шампион на кралската дивизија, прв во ерата на четири појаси. Последен што обедини (три) појаси беше Ленокс Луис.
Двајцата врвни тешкаши веќе се договорија за реванш, кој треба да се одржи на 21 декември во Саудиска Арабија.
А Џипси Кинг неодамна на својот канал на Јутјуб се обиде да објасни како бил подобар на мечот против Усик и направил доволно за да заврши со крената рака во воздух.
„Многу пати го гледав нашиот меч и секогаш го добивав истиот одговор. Бев подобар и требаше да победам“, изјави Тајсон Фјури, а потоа продолжи:
„И Усик знае дека не ме претепа. Всушност, беше многу полесно отколку што мислев дека ќе биде. А мојот проблем беше што веројатно премногу се забавував. Беше премногу лесно. Во рингот се чувствував како да боксирам против некој локален борец аматер. Премногу уживав во мечот, се плеткав и потоа ја платив најголемата цена во деветата рунда“.
Непоразениот Усик победи 22-ти во професионалната кариера. Откако ги обедини титулите во полутешка, сега истото го направи и во тешка категорија. На Олимписките игри во Лондон во 2012 година освои златен медал.
Фјури неодамна објави видео и рече дека се вратил во сала и почнал да тренира за реваншот против Усик.
„Морам да го извадам од удобност, бидејќи не можам да победам со судиска одлука, тоа е тажно, но тоа е вистина. Тешко е да се подготвиш за таква борба кога знаеш дека треба да нокаутираш некого за да победиш“, истакна Тајсон Фјури и додаде:
„Верувам во себе и се радувам на предизвикот. Слушам дека има скршена вилица и око. Оздрави и се гледаме во декември“.
Можеби нивниот реванш нема да биде борба за апсолутен шампион, бидејќи ИБФ размислува да му го одземе појасот на Усик. Украинецот побара исклучок за да го задржи појасот за реваншот.