Светскиот шампион Тајсон Фјури не се појави на прес-конференцијата за реванш мечот со Владимир Кличко во Манчестер на 29 октомври месец.
Наводно, Британецот „заглавил“ во гужва на М6 автопатот, а мобилниот телефон не му работел оти му се потрошила батеријата на патот до Лондон.
„Тајсон имаше проблеми со автомобилот. Зборувавме со него, но сега телефонот му е испразнет“, изјави промоторот на Фјури, Мик Хенеси.
Фјури го победи Кличко и му ги одзеде титулите во ВБА, ВБО и ИБФ во тешка категорија со триумф на поени во Дизелдорф минатиот ноември, а реваншот е закажан за 29 октомври во „Манчестер арената“, откако претходно Фјури го повреди скочниот зглоб.
Сепак, Кличко и без Фјури си кажа што сака.
„Можам да чекам, имам доволно трпение. Едвај го чекам овој меч и се надевам дека ќе се видиме во рингот. Сакам да покажам дека мечот е реалност, бидејќи ако не се случи во октомври повторно ќе чекам. На крајот, времето ќе истече за шампионот, бидејќи тој мора да ги брани титулите“, вели Кличко и додаде: „Ова не е битка, туку одмазда. Сакам убедлива победа, за да си ги вратам на соодветен начин појасите“.
А претставникот на Фјури, неговиот тренер и чичко – Питер, беше умерен во изјавата: „Шансите се 50-50. Во моментов, сепак, Тајсон е најдобар боксер во тешка категорија“.