Федор Емелијаненко минатиот октомври го победи Американецот Тимоти Џонсон со нокаут во првата рунда на настанот на Белатор во Москва. Тоа беше негова 40-та победа во кариерата.
Многумина мислеа дека ова може да биде последна борба за руската ММА легенда, но претседателот на промоцијата Скот Кокер најави барем уште една борба.
Федор не сака лесен противник за крај, туку вистински предизвик. Изгледа дека сака повторно да се обиде против шампионот во тешка категорија на Белатор, Рајан Бадер.
Шампионот ќе го брани појасот против ученикот на Федор, Валентин Молдавски на 29 јануари на настанот Белатор 273.
„Федор ме замоли да се борам со Рајан ако Бадер го победи Молдавски. Токму тоа ми го кажа. Сите предлози ќе ги добијат во јануари, па ќе го чекаме исходот од таа борба. Рече дека е добро“, изјави Скот Кокер и додаде:
„За последната борба на Федор сакаме да направиме спектакл во Русија. Тој заслужува да се повлече во голем стил. Баш така каква што му беше кариерата“.