Ентони Џошуа уште еднаш го пофали Александар Усик: Оддадете му признание

Во средината на мај Aлександaр Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по 25 години, кога тоа го направи Ленокс Луис.

На настанот во Ријад Украинецот со поделена одлука го победи Тајсон Фјури и гиi обедини шампионските појаси на ИБФ, ВБА, ВБО и ВБЦ.

Кралот на Ромите пред неколку дена изјави дека мора да бара нокаут во реваншот доколку сака да го победи Усик.

„Морам да го извадам од комфорот, бидејќи не можам да победам со судиска одлука, тоа е тажно, но тоа е вистина. Тешко е да се подготвиш за борба кога знаеш дека треба да нокаутираш некого за да победиш“, истакна Тајсон Фјури и додаде:

„Верувам во себе и се радувам на предизвикот. Слушам дека има скршена вилица и очната шуплина. Оздрави и се гледаме во декември“.

Во едно неодамнешно интервју Џошуа се осврна на коментарот на Фјури и истакна дека Усик не заслужува ништо друго освен пофалби.

„Сите ќе кажат дека Фјури треба да ја искористи својата големина против Усик. Но, во поголемиот дел од борбата Фјури воопшто не го искористи тоа. Усик е многу добар борец. Оддадете му признание“, изјави Ентони Џошуа.

Усик го победи Џошуа двапати, во септември 2021 година на стадионот на Тотенхем во Лондон кога ги освои шампионските појаси на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО во тешка категорија, а потоа 11 месеци подоцна во реваншот.

Поранешниот двократен шампион има четири победи во низа, а сега на 21 септември на „Вембли“ договори меч против Даниел Дубоа за појасот на ИБФ, кој Усик реши да го ослободи.

Дубоа на почетокот на месецот го освои привремениот шампионски појас на ИБФ победувајќи против Филип Хрговиќ и доби можност да се бори против Еј Џеј.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON