Триесет и петгодишниот Ентони Џошуа веќе некое време страда од повреда на лактот и ќе мора да се подложи на операција, што ќе го оддалечи најмалку шест до осум недели од полн тренинг.
Поранешниот светски шампион во тешка категорија последен пат беше во рингот во септември минатата година, кога на преполниот Вембли загуби со нокаут во петтата рунда од шампионот на ИБФ, Даниел Дубоа.
Златниот олимписки медалист од 2012 година во Лондон е нетрпелив да се врати на борбата, но овој пат сака да биде целосно подготвен за нови предизвици.
„Кога сакате да се вратам? Се обидувам да го средам моето тело и да бидам целосно подготвен. Но, прво морам да направам операција на лактот“, рече Ентони Џошуа и додаде:
„Треба да имам мала операција во мај. Ги финализираме деталите. Тоа ќе ме оддалечи од тренинзи шест до осум недели. Откако ќе се заздравам од повредата, ќе се вратам на полн тренинг“.
Сè уште многу се зборува за враќањето на Тајсон Фјури и потенцијалната борба против Еј Џеј подоцна оваа година, но засега нема конкретни информации дека Кралот на Ромите ќе се врати од пензија.
Промотерот Френк Ворен неодамна изјави дека сè „зависи од Тајсон и дали ќе го стори тоа е целосно негов избор“.
„Нема да го присилувам на ништо“, рече Френк Ворен.
Промотерот на Џошуа, Еди Херн, нагласува дека Еј Џеј е подготвен за мечот против Фјури и се надева дека ќе им ја „понуди најголемата борба во историјата“ на фановите до крајот на годината.