Веќе неколку дена се зборува дека некои млади боксери два пати го нокаутрале Британецот за време тренинзите. Ентони Џошуа претрпе два нокаут во последните спаринзи, тврдат таблоидите на Островот, а светски шампион на ИБФ, кој има 18 победи со нокаут од 18 средби на професионалниот ринг, не ги негираше овие тврдења.
Според упатен Британец, тој бил нокаутиран од сонародниците -Лоренс Околие и 19-годишниот талент Даниел Дибоа, како дел од подготовките за мега спектаклот со Кличко на 29 април. Тие ќе борат на стадионот „Вембли“ во Лондон пред 90.000 гледачи за обединување на појасите на ИБФ, ВБА и ИБО.
Спомнатите боксери се уште не дебитирале на профи-рингот, а не блескаат и со кој знае какви резултати како аматери. Сепак, Џошуа не е загрижен од спаринг со нив.
„Според кодексот на боксерот, не е правилно да зборуваш за спарингот. Ако некој те поканил, за да тренира со тебе, тој те интегрирал во својот круг на доверба. И не мислам дека е фер да го предадеш овој круг. Вистината е дека овие вежби се прават за да видам колку можам да поднесам. За да го научам телото на болка, бидејќи во реална ситуација е можно да бидам удрен. И треба да сум подготвен како ќе реагирам на такво нешто.
Каква е поентата да ги тепам сите на тренингот и да се доведам во заблуда дека немам на што да работам, ако потоа на мечот да пуштам некој удар, кој би можел да ме собори? Треба да чувстувам болка, да бидам повреден на тренинг, за да знам како е и да научам да живеам со тоа“, изјави Џошуа.