Елвир Куртановиќ: Барам да се корегира условот на добиени борби за учество на Светско првенство!

По жестоката реакција на КК Металург до претседателот на Карате федерацијата на Македонија (КФМ), Драган Стојановски и до Извршниот одбор на КФМ на Правилникот за избор и финансирање усвоен на последната седница на 17 јуни, се огласи и првиот човек на КК Кеикс од Скопје, Елвир Куртановиќ, во врска со условот за учеството на Светското првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година.

„Прочистениот текст на Правилникот за избор и финансирање усвоен на последната седница на ИО на КФМ  на 17 јуни 2017 година меѓу другото го уредува и правото за учество на Светски првенства за Сениори и за К, Ј и У-21 година. Членот 8 од Правилникот го уредува стекнувањето на статус репрензетативец за кој селекции и натпреварувања кој е пропратен со неколку недостатоци, за кои ќе се произнесам во други обраќања, а овој пат ќе се задржам само на условот број на добиени борби, како услов за учество на светско првенство“, вели Куртановиќ во воведот во дописот до ИО на КФМ, поради тоа што оваа година е настапот на Светското првенство во Шпанија за К, Ј и У-21.

Куртановиќ дава свое аналитичко мислење истакнувајќи условот број на добиени борби (четири) за учество на репрензетативците на Светско првенство во Шпанија во октомври 2017 година треба да се корегира, со објаснување дека во Статутот на КФМ во член 1 се вели: „Карате федерацијата Македонија, (во натамошниот текст: Федерацијата)е  здружение  настанато  со  здружување  на  карате  клубовите  во  Република  Македонија, заради остварување и усогласување на своите интереси и зарадивршење на дејности и активности кои се стремат кон развивање, организирање,потикнување,  пропагирање,  збогатување,  негување,  популаризирање,унапредување и реализирање на најразновидни форми, содржини и методина  работа во  карате спортот кај граѓаните од сите возрасти во Република Македонија,   со  цел  во  карате  спортот  да  се  постигнат  врвни  спортскирезултати, како и да се задоволат основните интереси на учесниците во оваа област“.

Според Куртановиќ, член 1 од правилникот на Статутот на КФМ ги уредува дејностите и активностите на КФМ (развивање, организирање, поттикнување, пропагирање, збогатување, негување, популаризирање, унапредување), како и целите и интересите на клубовите за постигање на врвни спортски резултати. Логично е, а и само така е можно да се постигнат врвни резултати, со учество на врвни натпревари.

„Без сомнение, а и во разговор со неколку клупски тренери, ова мислење би го подржале 100 проценти од клупските тренери кои имaат натпреварувачи за учество на Светски првенства. Но уште нешто морам да констатирам, има тренери коишто имаат различна мисија, мотив и интерес. Така, некои од нив имаат клубови само за собирање членарина, некои тренери своите ученици со стекнат статус на натпреварувач ги бркаат во други клубови, некои немаат резултати како клупски тренери, но со задоволство се китат со туѓ труд и трошат незаработени и туѓи пари, па нормално е дека лесно би го прифатиле и спротивното“, констатира носителот напрвиот медал во независна Македонија, златен во младинска конкуренција на ЕП 1993 година во Кардиф, Велс, Елвир Куртановиќ.

Тој се осврнува на бодувањето за Олимпијадата по влезот на ВКФ во Олимпиското семејството и можноста нашите каратисти да учествуваат на Олимписките игри 2020 година во Толкио, однонсо да бидат дел од олимпискиот тим.

„Светското првенство во Шпанија е натпревар кој е на листа на натпревари кои ќе се бодуваат за исполнување на ОЛИМПИСКАТА НОРМА.  Со ограничен настап на Светското првенство ја одземаме шансата на натпреварувачите рамноправно да се борат за освојување на ОЛИМПИСКАТА НОРМА“, заклучува Куртановиќ.

Можност за исполнување на условот број на добиени борби, смета првиот човек на Кеикс, поради намален број на учесници во некои категории, а и непојавување на многу од нив на Плеј-офот, многумина ја изгубиле можноста за постигнување на условот. Во женските категории во У-21, во сите имаше само по две пријавени натпреварувачки. Неколку од нив не се појавиле на Плеј офот.

„Но, можам со сигурност да потврдам дека се работеше за многу квалитетни категории во кои без пласман остана и Јована Георгиева, освојач на медал од последното Европско сениорско првенство“, потенцира тој.

Во продолжение дава примери:

„Симона Заборска е една од најуспешните репрензетативки која на големите европски и светски натпреварувања има постигнато врвни спортски  резултати, но за Светското сениорско првенство во Линц 2016 година немаше исполнето норма ( т.е. услов број на добиени борби ). По барање на нејзиниот тренер ИО на КФМ и дозволи настап на Симона на Светско сениорско првенство во Линц. Настапаот на Симона, лично го следев, беше фантастичен. И со малку повеќе среќа Симона можеше да биде медалист, но остана само со најдобро пласиран репрензетативен настап од сите натпреварувачи од Македонија“.

„Јована Георгиева е млада репрензетативка за која многу тренери не веруваа дека ќе се пласира на Европското сениорско првенство во Истанбул 2017 година. Таа сите не изненади, пријатно, и за радост на сите вистински пријатели на спортот се закити со бронзен медал – честито“.

„Фаик Весли на Светско првенство во Џакарта во кадетска конкуренција (прв настап на Светско или Европско) се бореше за бронзен медал. И ова натпреварување го следев и можам како долгогодишен тренер да кажам Фаик можеше да работи и финале“.

„Ова се само неколку примери, а и аргументи дека праксата знае да биде различна од теоријата и претпоставките и дека спортскиот резултат е неизвесен до самиот крај. Воедно, ова ми дава за право а и мотив да предложам корегирање на условот за број на добиени борби за учество на Светско првенство“, констатира Куртановиќ.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON