Денешниот ден дефинитивно ќе биде запишан со златни букви во историјата на македонското карате, затоа што двјацата финалисти, прво Доан Османи (-75 кг), а потоа и Петар Спасеновски (-84 кг), само за неколку часа, ги освоија златните медали на Европското првенство во карате за кадети, јуниори и јуниори до 21 година. Петар Спасеновски го освои вториот медал на европските шампионати, откако во Лимасол – Кипар, во 2016 година го освои бронзениот медал во јуниорска конкуренција до 76 килограми, но сега многу посјајниот – златниот и тоа во посилна конкуренција.
Петар Спасеновски во финалето го победи Ади Гјурик од Словачка 1-1, со прв освоен поен. До борбата за златниот медал беше подобар од Јоел ван Моеркерк (Холандија) 1-0, Фредерико Салас (Норвешка) 3-0, Хамза Цајиќ (Босна и Херцеговина) 0-0 и Грег Андресон (Шкотска) 3-0.
За наредните предизвици и сништа во првото интервју по освојувањето на шампионската титула…
Лесен ли беше патот до златниот медал, односно кога ти беше најтешко?
-Патот воопшто не беше лесен до златниот медал, секоја борба си имаше своја тежина. Најтешко ми беше во последните секунди од финалната борба.
Ова ти е втор медал на европските првенства, но сега во највозрасната конкуренција. Што значи ова за твојата кариера?
-За мојата кариера ова значи само еден стимул за да продолжам со напрона работа заедно со мојот Карате клуб Макпетрол и да продолжам со освојување на медали во сениорска конкуренција.
Ќе го гледаме ли Петар на Олимписките игри во Париз 2024 година?
– Дефинитивно ќе ме гледате на Олимпиксите игри 2024 година во Париз.
Резултати
У-21
-84 кг
Петар Спасеновски – Јоел ван Моеркерк (Холандија) 1-0
Петар Спасеновски – Фредерико Салас (Норвешка) 3-0
Петар Спасеновски – Хамза Цајиќ (Босна и Херцеговина) 0-0
Петар Спасеновски – Грег Андресон (Шкотска) 3-0
Финале
Петар Спасеновски – Ади Гјурик (Словачка) 1-1
Ipon.mk