На Европското првенство во борење за пионери во Софија, Бугарија, македонските борачи извојуваа една победа.
Борачите имаа тежок жреб. Андреј Трајчев во категоријата до 75 кг стартуваше убедливо, победувајќи го борачот од Израел со 10-0, но во второто коло потклекна и ја загуби средбата, па во вкупниот пласман го освои осмото место.
Во категоријата до 44 килограм Стојанче Стојков загуби средба од претставникот на Украина, но поради тоа што Украинецот се пласира во финалето, Стојков доби шанса во репасажот. Стојков е седми на ЕП, откако во репасажот го победи Халити, но во клучната борба загуби од полскиот борач.
Јован Атанасов во категоријата до 41 килограм загуби од претставникот на Турција, па така го зазеде 9-тото место. Една победа и еден репасаж за борачите кои се членови на Балканец.
„Ова се надежите на македонското борење, да не се разочаруваме или гордееме со нивниот пласман. Ги чека многу напорна работа за да се покажат во најдобро светло. Ова е само почеток за нив. Видоа до каде се, не потклекнаа на предизвикот. Не застануваме овде“, изјави тренерот Бобан Данов.