Единствениот кобудо учител во Македонија – Игор Довезенски: Без дисциплина ние сме робови на своето расположение

Интервју со единствениот кобудо учител во Македонија – Игор Довезенски, кој целосно е посветен на практикување и промовирање на треадиционалните јапонски вештини. Неговото знаење го пренесува на следбениците во регионот и Европа.

Довезенски не само што го пренесува своето занење на други, туку и се надоградува во лулката на боречките вештини – Јапонија. Ги посетува учителите и учи тајни на вештините. Годинава дури два пати ги посети.

Последното интервју со вас имаше огромна читаност, бидејќи секогаш имате нешто интересно да споделите со нашите читатели. Се надевам дека и сега ќе можеме да уживаме во разговорот со Вас.

Јас не мислам така, бидејќи човек со ригидни ставови не би требало да е многу интересен за широките народни читателски маси. Но ќе се обидам повторно да кажам нешто корисно.

Последната година бевте многу активни. Редовно ја следам работата на вашето Доџо Буџинкан Македонија и забележав дека одржавте неколку меѓународни семинари, а бевте и во Јапонија во посета на Хомбу Доџото односно во седиштето на организацијата Буџинкан.

Оваа година успеав дури два пати да ги посетам учителите во Јапонија и да учам од нив, што ми причинува особено задоволство, бидејќи како што неколку пати веќе сум кажал, водата е најчиста при самиот извор. За време на престојот имав по неколку тренинзи во текот на денот, а при второто патување со мене беа и моите ќерки, кои го осетија духот на Нинџутсу токму во земјата од каде што е родена оваа древна вештина.
Што се однесува до семинарите, ги имаше многу, повеќе домашни, а како и секоја година традиционално предавав во Србија и во Турција. Морам да признам дека оваа година динамиката беше малку намалена, но повеќе поради мои лични обврски на приватен план, но верувам дека следната година ќе продложиме со нашата позната ултра динамика.

Во еден наш разговор пред неколку години ве прашав зошто еден ваков мајстор како вас, кој е толку многу меѓународно ценет  и признат, не е толку познат во сопствената земја?

Истиот одговор од тогаш ќе го дадам и денес. Ништо не е сменето. Тоа е кодот на македонскиот народ. Тоа е нашето проклетство од кое неможеме да избегаме. За нас секогаш туѓото ќе биде подобро, а за нашето никогаш не се грижиме да го заштитиме и да го сочуваме. Но секогаш останува онаа мала надеж дека ќе дојдат генерации кои ќе почнат да си го почитуваат своето и да се гордеат со него. Се разбира, доколку успееме да преживееме како народ, со оглед на лошиот Пат што сме го фатиле.

Следејќи ги вашите објави на Фејсбук сум забележал дека многу ја сакате уметноста. Цртате јапонска калиграфија, пишувате поезија, книги и стрипови, пеете, продуцирате документарни филмови кои самите ги монтирате и режирате, направивте цела јапонска градина во Македонија, изработувате дрвени куќички во дворот на вашето Хомбу Доџо, сам правите традиционални јапонски оружја од дрво и метал, па би сакал да ве прашам – има ли нешто за што не ве бидува?

Малку ја претеравте. Да не кажам многу. Јас ја сакам уметноста, меѓутоа сето ова што вие сте го забележале на моите постови, јас го сметам само како обид за уметност односно обид за создавање. Тоа што јас го објавувам се најдобрите примероци и успеси. Да не ви кажам колку многу песни сум избришал, колку цртежи сум искинал и колку пати сум се разочарал од своите креации, бидејќи верувам дека можам многу подобро од тоа. Животот на социјалните мрежи е сосема различен од реалниот. Би сакал да ги правам работите многу подобро, а кога веќе ме прашавте, а би било културно од мене да дадам некаков одговор на вашето прашање, сакам јавно да признаам дека многу ми е криво што никогаш не научив да свирам на некој музички инструмент. Ете тоа ќе го заокружеше мојот обид да создадам некаков креативен круг околу мене, меѓутоа најверојатно сум голем антиталент, штом ми останала неостварена таа желба.

Да ве прашам за вашите тренинзи, за тие кои не знаат за Вас. Каде сте лоцирани во моментот и кои вештини можат да се вежбаат кај вас?

Во моментов се наоѓаме кај Три Бисери во населбата Аеродром, а секако многумина го знаат и нашето Хомбу Доџо кое се наоѓа во долината на планината Липац. Нашето Доџо е едно од постарите во Македонија односно постоиме од 1995 година и оттогаш не се случило да ги затвориме вратите ниту на еден ден. Работиме во текот на целата година, интензивно и посветено, а претставници сме на Нинџутсу организацијата Буџинкан која е предводена од страна на д-р Масааки Хатсуми, како и на меѓународната организација ДаитоКан, при што ја претставуваме древната самурајска вештина Даито рју Аикиџуџутсу, позната како „мајка на Аикидото“. Освен тоа, во нашето Доџо може да се вежба и Јапонска Јога (Шиноби Таисо), а наскоро планираме да почнеме со јапонска масажа (Анма) со цел да им помогнеме на нашите сограѓани кои страдаат од болки во телото. Секако, имаме и други активности, но да не должам, вашите читатели можат да читаат за нас на www.koryu.mk

Имате три деца кои минуваат низ пубертет. Како е да се биде татко на тројца тинејџери?

Предизвикувачки. Секое од нив си има свој карактер и веќе си ја градат личноста. Морам да признам дека во минатото бев претерано строг и грижлив, плашејќи се кој Пат ќе го фатат во животот, но сега кога потпораснаа, веќе попуштив и целосно се сменив. Стекнав доверба и мислам дека најтешките предизвици ги поминавме, па така сега веќе можат да уживаат без стеги. Сите тројца се бунтовни, но јас сум меѓу ретките родители кои поддржуваат бунтовност, бидејќи ништо ново не се раѓа на планетава без бунт. Самата планета е создадена од експлозија. Животот на земјата е создаден поради бунт на примитивните форми на живот и нивната желба да бидат подобра верзија. Сите историски фигури кои направиле промени во општеството биле бунтовни и токму затоа се случиле промените по кои ги познаваме денес. Мислам дека јас сум заслужен за бунтовноста кај моите деца. Не само поради тоа што ги наследиле моите гени, туку старите учители велат дека строгите родители раѓаат бунтовници. Причината претпоставувам ја разбирате. Секако, јас сум многу нежен и грижлив како татко и сите што ме познаваат дури ме прекоруваат за тоа, меѓутоа сум строг во однос на нивната дисциплина и посветеност. Тие две работи отсекогаш сум ги форсирал кај нив. Ова затоа сум уверен дека само дисциплината и посветеноста можат да те направат среќен и слободен, бидејќи без нив ние сме робови на своето расположение и на своите страсти. Најверојатно ова ќе биде тешко за многумина да го разберат, па затоа се трудам да го одржувам ова интервју во некои „нормални рамки“.

Какви се вашите планови за следната година? Дали планирате повторно да заминете во Јапонија?

Секако, многу одамна си зададов задача дека најмалку еднаш годишно ќе ја посетам Јапонија поради тренинг со моите учители. За следнатапланирам да отпатувам на есен односно после нашиот летен нинџа камп. Што се однесува до плановите, морам да кажам дека тие се тесно поврзани со моите ученици. За да ги исполнам зададените цели на моето Доџо, морам да ја имам нивната поддршка. Се надевам дека таа ќе продолжи како и досега, се разбира доколку се уште ја заслужувам. Следете не’ како и досега, мислам дека може да се очекува возбудлива година за Буџинкан Македонија.

На крајот би ве прашал, што според Вас е главниот двигател во светот?

Љубовта, секако. Без двоумење ќе кажам дека сите достигнувања во животот не се доволни да ја заменат љубовта. Тука не мислам на љубов кон сопствените деца која е задолжителна, природна и неизбежна. Ниту љубов кон татковината, која е вродена. Ниту за љубов кон работата како што некои знаат да кажат, бидејќи доколку не ја сакате работата што ја работите треба веднаш да ја напуштите. Зборувам за љубов кон партнер/ка која може да го затвори кругот на сето друго што сте постигнале за време на вашето битисување. Децата еден ден ќе пораснат и ќе си заминат по својот Пат. Таковината ќе продолжи да живее и без Вас. Работата треба да ви слугува вам, а не Вие на неа и како таква не заслужува да се спомене. Меѓутоа љубовта е нешто што раѓа енергија, убави чувства и дава сила да се живее среќно и осмислено. Иако не сум религиозен, тука би ја цитирал најубавата љубовна песна на сите времиња, напишана од Свети Павле во првото посланије до Коринтјаните:

„Да зборувам на сите човечки јазици, падури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.

Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам – ако љубов немам, ништо не сум.

И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори – штом љубов немам, ништо не ми користи.

Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее,не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а навистина се радува, се`извинува, во се верува, на се се надева, се претрпува.

Љубовта никогаш не престанува, а другото, ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици – ќе замолкнат; ако се знаења – ќе исчезнат. Оти понешто знаеме и понешто пророкуваме, а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното.

Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското. Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат.

А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“!

Ви благодарам многу за одвоеното време.

Ви благодарам за можноста, со надеж дека нема да бидам досаден на вашите читатели додека го читаат ова интервју.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО