Еди Херн верува дека Ентони Џошуа би бил мотивиран да се бори против Вајт, Вајлдер, Баколе…

Кариерата на Ентони Џошуа бележи подеми и падови во последните неколку години, а двократниот светски шампион моментално заздравува од тешкиот пораз.

Имено, Еј Џеј во септември минатата година на преполниот Вембли загуби со брутален нокаут во петтата рунда од Даниел Дубоа во меч за титулата на ИБФ во тешка категорија.

На Џошуа сега му треба противник кој ќе го мотивира рано да стане од кревет и да тренира за да може да се обиде да го врати тронот на дивизијата.

Неговиот промотор Еди Херн сигурно нема да бара противник под реномето на Џошуа, но исто така нема многу борци кои би можел да ги турка.

„Дионтеј Вајлдер, Дилиен Вајт, Мартин Баколе, тоа се борци кои би можеле да го мотивираат Еј Џеј“, изјави Еди Херн.

Секој од нив носи нешто различно во рингот, Вајт би сакал да се одмазди за поразот од 2015 година, Баколе е еден од поновите борци со сериозни планови, а Вајлдер е рамо до рамо со Џошуа веќе некое време, но никогаш не се бореле меѓу себе.

Но, прашањето е дали Џошуа би преземал дополнителни ризици против еден од нив, Херн има друг план.

„Но, двајца противници секако би му дале посебен мотив на Џошуа, тоа е Тајсон Фјури и победникот од мечот меѓу Даниел Дубоа и Џозеф Паркер“, рече Еди Херн и го отфрли сомнежот дека Еј Џеј размислува за пензија:

„Џошуа пак ќе се бори, сака. Сè уште е заљубен во боксот“.

Некогаш многу се зборуваше за потенцијална борба меѓу Ентони Џошуа и Тајсон Фјури, но бидејќи Џипси Кинг пред неколку недели објави крај на кариерата, тој меч повеќе не е актуелен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО