Сопственикот на Мечрум промоција, Еди Херн, смета дека Дмитри Бивол и Артур Бетербиев треба да се договорат за трета борба за да им дојде крајот на нивната голема приказна.
Имено, во февруари во Ријад, Бивол и Бетербиев имаа реванш само четири месеци откако првпат се сретнаа во рингот, кога се изборија за обединување на титулата во полутешка категорија.
Бетербиев беше подобар во октомври кога со пресврт во вториот дел од мечот собра доволно поени од судиите за триумф.
Но, неодамна Киргистанецот му возврати на Артур и со одлична тактика оствари победа и изедначи во фасцинантната серија на 1-1.
По возвратната борба многумина се интересираа што ќе биде следно за двајцата, некои се надеваат на трилогија, додека други би сакале да го видат Дмитри Бивол во дуел со Дејвид Бенавидез.
Непоразениот мексиканско-американски борец на почетокот на февруари го победи Давид Морел, а беше присутен и на неодамнешниот настан во Саудиска Арабија кога во живо го следеше реваншот помеѓу Бивол и Бетербиев.
Боксерскиот промотор Еди Херн даде свое мислење за тоа како може да се одвиваат работите.
„Треба да договорат нов меч меѓу Бивол и Бетербиев, бидејќи тоа ќе биде уште една блескава борба. Секако дека би сакале и дуел Бивол – Бенавидез, тоа ќе биде следната трилогија“, изјави Еди Херн и додаде:
„Проблемот за Бетербиев е што Бивол повторно ќе биде подобар. Значи, ние сме многу сигурни во таа борба. Досега имавме неколку разговори за можен меч меѓу Дејвид Бенавидез и Калум Смит, како и пресметка меѓу Смит и Морел“.
Неодамна ВБЦ му нареди на Бивол дека следниот меч мора да биде против Бенавидез и добија рок до 8 април да преговараат.