Џудо клубот Сеишин од Прилеп веднаш по одлуката на ЏФРСМ за отпочнување со тренинзи на отворено согласно критериумите издадени од Здравствената комисија презеде мерки и активности за спроведување на ваков тип тренинзи.
Сеишинт почна со тренинзи во три термини неделно плус два дополнителни или вкупно пет за повозрасните категории спортисти на отворените терени и игралишта во Прилеп.
Тренинзите после долгата пауза се насочени главно на враќање на кондиционата подготовка на џудистите, силовити вежби и увежбување на џудо техники, вели тренерот Дејан Мицкоски, но исклучиво без партнери и со помош на дополнителни реквизити за таа намена.
„Мораме да споменеме дека клубот се раководи строго по протоколите утврдени за тренинзи од овој тип како што се: држење соодветна дистанца, мерење телесна температура, дезинфекција, работа во помали групи и други правила“, истакнува Мицкоски и нагласува дека со тренинзите раководи стручниот тим тренери носители на мајсторски појаси потпомогнати од носителите на кандидат мајсторски кафеави појаси и асистенти во клубот.
„По долгата пауза, на наше големо изненадување, во тренажниот процес уште на почеток се вратија околу 70 отсто од членовите во сите возрасни категории на нашиот клуб, а во континуитет се приклучуваат и нови членови“, истакнува Дејан.
Тој се надева дека сите заеднички ќе ги пребродат овие тешки состојби и повторно ќе се вратат во спортските сали, на спортските натпревари и ќе освојуваат медали и големи успеси.
Тој потенцира дека раководството на Џудо федерацијата, преку канцеларијата, како за време на прекинот заради пандемијата, така и сега, во континуитет редовно и транспарентно известува за сите случувања околу џудо спортот, како на светско ниво, така и во регионот, при што редовно се анализираат состојбите од страна на стручните тела и органи.
Џудо клубот Сеишин апелира до сите спортисти да продолжат со своите спортски активности со посебен акцент строго да ги почитуваат дадените протоколи кои ги спроведуваат нивните претпоставени во клубовите!
Ipon.mk