Натпреварувачот на олимпискиот тим во џудо на Ирак Саџад Сехен е дисквалификуван поради прекршување на антидопинг правилата еден ден пред Игрите во Париз, соопшти Меѓународната агенција за допинг тестирање (ИТА).
Допинг тестот на спортистот, кој го дал на 23 јули, ги содржел забранетите супстанци метандиенон и болденон. Тој има право да ги оспори изречените санкции пред Судот за спортска арбитража (CAS) и да ги побара резултатите од примерокот „Б“.
„Спортистот е информиран за инцидентот и е привремено суспендиран во очекување на решавање на прашањето во согласност со Светскиот анти-допинг кодекс и правилата за антидопинг на Меѓународниот олимписки комитет кои се применуваат на Олимписките игри во Париз. Тоа значи дека му е забрането да се натпреварува, да тренира или да учествува во каква било активност за време на Олимпијадата“, се вели во соопштението.
Саџад има 28 години и се натпреварува во категоријата до 81 килограм. Во Париз требаше за прв пат да учествува на Олимписките игри.