Новозеландскиот боксер Џозеф Паркер на 22 февруари на настанот „Последното крешчендо“ во Ријад ќе се обиде по втор пат да стане светски шампион во тешка категорија.
Паркер ќе бара победа против шампионот на ИБФ Даниел Дубоа кој минатиот септември го победи Ентони Џошуа со брутален нокаут во петтата рунда, на спектаклот во Кингдом арена.
Минатиот месец, откако Александар Усик по вторпат го победи Тајсон Фјури во меч за појасите на ВБЦ, ВБО и ВБА, Дубоа влезе во рингот и побара реванш.
Неодамна, Паркер се присети на тој настан, велејќи дека знаел оти неговата екселенција Турки Алалших и промоторот Френк Ворен сакале Дубоа повторно да се бори со Усик.
„Ако скокнете во рингот и повикате борец, а веќе имате закажан меч со друг противник, тоа е знак дека сте целосно уверени во исходот на борбата пред вас“, рече Џозеф Паркер и додаде:
„Знам како сакаат се да планираат однапред и бараат само големи борби. Но, прво треба да го помине следниот противник. Турки и Ворен сакаат борба против Усик. Но, јас сум тука да им ја расипам забавата“.
Поранешниот шампион на ВБО меѓу 2016 и 2018 година ја подобри својата репутација во последните години со неколку импресивни победи, а последните две против Дионтеј Вајлдер и Жилеј Жанг беа особено забележителни.
Новозеланѓанецот е подготвен да ги расипе плановите на Даниел Дубоа и неговиот промотор Френк Ворен.
„Замислија дека ние останатите не треба ни да ги добиваме овие битки. Според нив, веројатно веќе сме загубиле штом го потпишавме договорот за мечот“, подвлече Џозеф Паркер.