Професионалниот боксер Ентони Џошуа сака да го покаже својот „гладијаторски дух“ во саботната борба во тешка категорија против Даниел Дубоа. Двајцата ќе се борат на 21 септември за титулата во тешка категорија на Светската боксерска федерација (ИБФ).
Џошуа учествуваше на јавен тренинг на стадионот Вембли и не криеше дека сака да стане трикратен светски шампион.
Зборувајќи за Скај спорт, Џошуа рече: „Се чувствувам како да сум подготвен за борба. Само треба да ги облечам ракавиците и можам да се борам денес.
Без емоции, јас сум само тука. Очекувам повеќе медиуми, повеќе зборување, повеќе тренинзи и што е најважно – да влезам во рингот, покажувајќи им на 96.000 луѓе мојот гладијаторски дух“, коментира британскиот боксер.
Џошуа беше придружуван до рингот од членовите на неговиот прв аматерски боксерски клуб Финчли АБЦ.
„Тоа значи сè, за тоа се работи – отворање врати за луѓето како што направија за мене. Ова е големата сцена, тие се момците и девојките на мојот клуб“, додаде тој.
Даниел Дубоа изгледа потежок во борбената недела отколку во претходната победа над Хрватот Филип Херговиќ.
27-годишниот Британец, кој го доби слободниот појас на ИБФ од Александар Усик, ќе се обиде да ја задржи титулата во она што ветува дека ќе биде тешка борба пред распродадените трибини.
„Одлично е, подготвен сум да се борам и во моментов сум на добро место. Сето тоа е дел од ритуалот пред борбата и јас само градам енергија за сабота. Знам дека треба да го подигнам на друго ниво – најдоброто од мене и едвај го чекам предизвикот во сабота. Подготвен сум да се борам“, изјави Дубоа.