Ентони Џошуа конечно се исели од станот на неговата мајка во северен Лондон и е во нова палата пред борбата против Даниел Дубоа, која ќе се одржи на Вембли на 21 септември.
Освојувачот на златниот олимписки медал во 2012 година, чија жиро-сметка изнесува сто милиони евра, истакнува дека останал во куќата на неговата мајка заради безбедност.
„Не сакав да ја оставам мајка ми сама во куќата“, рекол Ентони Џошуа на радио Би-Би-Си 4 во емисијата Дезерет ајленд дискс откако се вселил во вилата и додал:
„Сакав да се уверам дека ќе биде во ред кога ќе ја оставам, бидејќи тоа отсекогаш било цврсто гнездо. Сега знам дека мајка ми е среќна и згрижена. Повеќе не ми е грижа каде сум, за мене тоа е слобода“.
Поранешниот двократен светски шампион за нешто повеќе од два месеци ќе се бори со Даниел Дубоа за појасот на ИБФ во тешка категорија.
Борбата беше договорена откако сегашниот носител на титулата Александар Усик потврди дека се откажува од светската титула на ИБФ.
Непоразениот Украинец стана првиот тешкаш што ги обедини појасите на ИБФ, ВБО, ВБА и ВБЦ во средината на мај кога го победи со поделена одлука Тајсон Фјури.
На почетокот на јуни Дубоа со прекин во осмата рунда го запре Филип Хрговиќ и со тоа стана привремен шампион на ИБФ.
Британецот е решен да го симне од тронот сонародникот Џошуа.
„Токму кон тоа се стремам, сакам да бидам најдобар“, изјави Даниел Дубоа и додаде:
„Борете се со најдобрите и победијте ги најдобрите. Џошуа беше крал долго време. Во таа ноќ сакам да го победам кралот. Тоа е мојата цел и тоа е мисијата што ја имам. Подготвен сум да се борам. Тренирам како ѕвер и подготвен да го сторам тоа“.