Менаџерот на Кубрат Пулев, предизвикувачот за титулата светски шампион во тешка категорија, Ивајло Гоцев најави дека постои можност дуелот против Ентони Џошуа на 12 декември да не се одржи во „О2“ арената, туку во некоја помала сала.
Идејата за промена на локацијата доаѓа од организаторот на мечот, кој поради големите трошоци би сакал дуелот да се одржи во некоја друга арена со помал капацитет.
Поради фактот дека на соочувањето Џошуа – Пулев нема да биде дозволено присуство на гледачи нема потреба тие да боксуваат во арена со капаците од 20.000 седишта и затоа во моментов се бара алтернативно решение.
Пред неколку дена менаџерот на Џошуа, Еди Херн предложи мечот да се одржи во друга земја, а како предлог ги даде САД, Русија, Кина, Шведска или некаде на Блискиот исток, но идејата беше отфрлена бидејќи штабот на Пулев инсистира домаќин на соочувањето да биде Лондон.
Според медиумите во Англија конечната одлука за арената во која ќе се соочат Џошуа и Пулев ќе биде донесена на четврти декември.