Македонската џиу џицу репрезентација денес пристигна во Марибор, Словенија, каде што утре и задутре ќе учествува на силниот Меѓународен турнир „Марибор опен“ кој се одржува по 19-ти пат и на кој учествуваат 500 натпреварувачи од 14 држави. Воедно, ќе се одржи и Јадранската лига.
Боите на Македонија ќе ги бранат: Катерина Ацевска, Марија Треневска, Данил Николиски, Јован Николиски, Антонио Стојчески, Јаким Колевски, Зоран Колевски и Драгана Георгиевска, големата надеж на македонската џиу џица репрезентација за прв пат ќе настапи на ваков турнир.
„Во рамките на овој турнир ќе се одржи и Јадранската џиу џицу лига на која Македонија е основоположник и 12 години во континуитет настапува со своја екипа. Поради фактот што немаме екипа во женскиот дел од лигата, Катерина Ацевска како позајмен борец ќе се бори за екипата на Јахорина, Република Српска“, велат од Македонската џиу џицу федерација.
Во стручниот тим на нашата селекција се: Александар Ацевски – селектор, Виктор Велинов – тренер, Христијан Јованов- помошник тренер и Александар Митовски – доктор.
„Овој турнир е исклучително важен за нас поради претстојното Европско првенство што ќе се одржи за две недели во Романија. На сите борци им посакуваме успешни борби и освојување на медали“, велат од нашата Федерација.