Двајцата врвни боксери Васил Ломаченко и Џервонта Дејвис веќе извесно време се во преговори за борба во која влогот би биле светските титули во лесна категорија на ВБА и ИБФ.
Преговорите меѓу Боб Арум (Топ ранг), кој јгопромовира Ломаченко, и Ал Хејмон (ПБЦ), кој го претставува Дејвис, се чинеше дека добро напредуваат, дури и беше објавен потенцијалниот датум за борба во ноември.
Но, украинскиот боксер реши да паузира, па се повлече од преговорите и најави враќање за следната година.
Тимот на Дејвис беше изненаден од потегот на Ломаченко, кој отсекогаш ги барал најголемите борби во текот на професионалната кариера од 21 борба (18-3).
А Џервонта реши да продолжи понатаму, па еден од тренерите на Дејвис, Кени Елис, откри дека следен противник на Тенк би можел да биде шампионот на ВБЦ, Шакур Стивенсон.
„Лома совршено отстапи, но да се надеваме дека Шакур нема да се предаде. Постојано се зборува дека Тенк го избегнува Шакур, па да видиме сега. Останаа само тој и Ломаченко“, изјави Кени Елис, и откри што би направил Дејвис доколку борбата со Стивенсон или Ломаченко не може да се одржи до следната година:
„Зависи од Тенк и што сака да прави. Може и да се пензионира. Ако сака, го поддржувам. Што и да прави, ќе го поддржам. Ако побара борба, тогаш ќе бидам со него“.