Тешкашот Даниел Дубоа (19-1) на 26 август во Полска ќе се обиде да го победи светскиот шампион Александар Усик и да ги земе појасите на ИБФ, ВБА и ВБО што ги освои и еднаш ги одбрани против Ентони Џошуа.
Дубоа е голем аутсајдер на тој меч, но верува дека може да му направи големи проблеми на Украинецот. Британецот има четири победи во низа, а последната ја доби во декември кога со прекин во третата рунда го совлада Кевин Лерена.
„Добро е кога не си фаворит, но притисокот се уште е таму. Но, тоа не ми пречи премногу“,- изјави Даниел Дубоа, осврнувајќи се на натпреварот против Усик:
„Ќе му направам многу проблеми. Јас сум тешкаш, а тој дојде од крузер категорија. Ќе го докажам тоа во рингот. Морам да позирам како насилник и да го малтретирам Усик. Имам 25 години и сега дојде моето време. Доаѓам да победам и ќе пукам со сите оружја“.
Дубоа (196 см) е пет сантиметри повисок од Усик, но и двајцата имаат ист растег на рацете (198 см).
Британецот веројатно ќе биде малку потежок, против Лерена имаше 109, додека светскиот шампион најчесто се појавува на мерењето околу сто килограми.