Бобан Илиоски го освои бронзениот на Европското сениорското мај тај првенство во Анталија, Турција. Toj во полуфиналето загуби од Јахија Ибрагимов (неутрален, спортист од Белорусија или Русија) со 28-29.
Но, бидејќи се чекаше да завршат финалните борби, свеченото доделување на медалите беше денес.
Ова е втор медал за Илиоски за кратко време, бидејќи неодамна стана светски првак во кик бокс. Ова е голем успех за македонскиот спорт.
„Бобан кондиционо и технички немаше никаков проблем додека траеја борбите. Тој е одлично подготвен физички, но кај Боби забележавме психички замор, заситеност, кој му се манифестираше со рамнодушност додека траеја борбите, како да ги работеше механички и махинално. Првата ја победивме, но втората ја изгуби на поен разлика, иако беше многу тенка. Боби да си го имаше тој жар за победа, сигурен сум дека ќе ја добиеше и ќе стигневме во финале. Но, задоволен сум од неговиот успех од ова Европско мај тај првенство, на кое начинот на борба, правилата и техниките се разликуваат од кикбоксот. Потполно го разбирам, имаше тежок тренажен период оваа година подготвувајќи се за светското злато во кикбокс. Секојдневно по два тренинга, рано станување, внимавање на исхрана, скратување на сите останати задоволства и учество на сите контролни мечеви, притоа немаше еден слободен ден“, вели селекторот и претседател на Кик бокс маи таи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски-Урко и нагласува:
„И да истакнам дека пред само десетина дена се врати со злато од Светското кик бокс првенство во Португалија. А лани го зема европското злато на ЕП кик бокс првенство во Анталија.
Со ова првенство ги завршивме активностите за оваа година. Одиме уште појако следната година“.