Апсолутниот светски шампион во полутешка категорија, рускиот боксер Дмитри Бивол, изјави за новинарите дека е подобро да има трета борба со сонародникот Артур Бетербиев. Во последните денови се шпекулираше дека Бивол е блиску до договор за борба со Давид Бенавидез.
Светскиот боксерски совет (ВБЦ) одлучи дека тимовите на двајцата мора да се договорат за борбата до 8 април. Турки Алалших рече дека нема да учествува на наддавањето за оваа борба бидејќи не го интересира. Арапскиот милијардер сака да ја организира трилогијата со Бетебиев и го повика Бивол да се сети кој му помогнал.
Очигледно Дмитри ги слушал зборовите на Алалших и рекол дека го сака Бетербиев.
„Нема да боксирам на 40. Не сакам. Сè уште не го знам точното време, можеби неколку години. Пред да наполнам 40 години би сакал да преминам на нешто друго, да влезам во нова фаза од животот. Ќе се вратам не порано од ноември-декември. Морам да закрепнам. Го почитувам Бетербиев. Тој има 40 години, а има таква неверојатна физичка сила. Зачудува.
Сега се движиме повеќе кон трилогија, со Саудијците уште не сме комуницирале. Ако Артур сака уште една борба, тогаш ќе ми биде попријатно да ја прифатам третата борба и да ја затворам оваа работа. Ако не се во прашање сите појаси, тогаш нема ништо лошо во тоа. Секогаш ги третирав како можност да станам неприкосновен шампион. Втората борба со Бетербиев ја немам гледано. Сè уште не сакам“, изјави Бивол.
Бивол и Бетербиев си разменија по една победа во двете борби. Средбите беа неверојатни и извесно е дека трилогијата ќе се случи.