Тешкашот Џозеф Паркер е убеден дека ќе го победи Ентони Џошуа во мечот за обединување на титулите, па затоа уште сега му нуди реванш пред дуелот на стадионот Принсипалити во Кардиф на 31 март.
Боксерот од Нов Зеланд ја освои ВБО титулата со победа над Хјуи Фјури минатата година, само пет месеци откако Џошуа ги обедини ИБФ и ВБА титулите по победата над Владимир Кличко на Вембли. Џошуа со тешкотии ја одбрани титулата против Карлос Такам, кого го победи со нокаут во 10-тата рунда.
„Мојот план за новата година е да боксирам со Џошуа, да го победам и потоа да му дадам реванш меч. Подготовките течат фантастично и се наоѓам во одлична форма. Удирам силно, се движам фантастично, и сè оди според планот“, вели Паркер.