Британецот Ентони Џошуа е новиот светски првак во ИБФ, ВБА и ИБО, откако синоќа на „Вембли“, пред 90.000 гледачи, го нокаутира Владимир Кличко во 11-та рунда. Во спектакуларен меч, Џошуа успеа да го испрати на подот Украинецот во завршницата од мечот. Претходно и двајцата имаа шанси за триумф, посебно во петата и шестата рунда.
А, по големата победа, Џошуа му порача на Тајсон Фјури, кој најави враќање во рингот.
„Тајсон Фјури, каде си бејби? Дојди, ти си следен…Дали го виде ова? Инаку, што можам да кажам…19-0 во победи. Три и пол години во оваа приказна, Како што реков, не сум перфектен, но се трудам да го дадам својот максимум. Кога ќе почне мечот, го оставате егото надвор и почнувате да боксувате. Многу ми е драго што успеав да го сопрам Владимир Кличко“, изјави новиот светски првак во тешка категорија, Ентони Џошуа.
Фјури му одговори многу брзо преку Твитер.
„Многу добро, Ентони Џошуа, добра борба. Се бореше на живот и смрт со Кличко, додека јас се поигрував со него. Ајде да танцуваме“.
„Предизвикот е прифатен. Ќе му ја дадеме на светот најголемата борба во последните 500 години. Ќе се поигрувам со тебе. Ти си сон на секој боксер“.