Македонската таеквондо федерација (МТФ) под водство на претседателот и селектор Борче Костовски организира десетдневен тренинг камп подготовки „Охрид 2020“ за репрезентативните национални тимови во сите возрасни селекции.
На тренинг кампот земаа учество тренерите и најдобрите натпреварувачи (репрезентативци) од клубовите на МТФ: ТК Хваранг Фист Охрид, ТК Корио, ТК Бутел, ТК Кобра, ТК Тигри, ТК Борец, ТК Годел, ТК Илинден.
„МТФ ги покрива сите трошоци на вкупно 30 репрезентативци кои во минатите две натпреварувачки години остварија успешни резултати. Тоа ни дава за право да потврдиме дека станува збор за квалитетни репрезентативни тимови кои ветуваат многу. Секако, на овој камп беа присутну и нашиот европски шампион Дејан Георгиевски, европскиот медалист Филип Додевски, светскиот медалист Анамарија Георгиевски, сениорските балкански шампиони Коки Георгиевски и Марко Стевиќ, успешните Мила Релјиќ, Дамјан Трајковски, Филип Стаменов, Филип Јосифовски, Марко Аврамовски, Фросина Рајковска, Дебора Брњарчевиќ и други. Кампот до сега тече одлично, спортистите се во Охрид од 28 јули до 7 август“, велат од МТФ и додаваат:
„Македонската таеквондо федерација подготвува сериозна тренинг програма за идните предизвици во овој олимписки спорт, програмата ги опфаќа сите старосни категории, но е со фокус на сениорскиот тим, кој сериозно се бори да донесе олимписки норми за оваа нација. Гордоста да имате сериозни олимписки надежи е голема, но уште поголема е одговорноста и затоа стручниот тим на МТФ сериозно и напорно, како до сега, ќе се посвети на врвните таеквондо резултати кои во минатото покажавме дека можеме да ги направиме реалност, збогатувајки ја македонската спортска ризница со многу важни медали од елитни светски натпревари. Но, секако, нашата цел е да продолжиме до и околу самиот врв на овој олимписки спорт“.