Дејан Милошевски – македонски амбасадор за мир – „Ден на мирот Чикаго 2024“

На 23-ти септември 2024 година, Чикаго го одржа 46-от годишен Ден на мирот на плоштадот Дејли, настан кој продолжува да ги обединува луѓето од целиот свет. За прв пат овој настан е започнат во 1978 година од страна на „Училиште за мир”, а подоцна во 1981 година почнува да се слави и Меѓународниот ден на мирот на ОН и станува симбол на хармонија низ целиот свет. Оваа година, настанот беше во органзиација на градот Чикаго, ОН и невладината организација „Изгради го мирот”. Вклучуваше културни настапи, светска музика и церемонија на светски знамиња, каде што знамињата на речиси секоја нација беа носени во шарена поворка што го симболизира глобалното единство.

Годинава, на покана од Конзулатот на Македонија во Чикаго, Дејан Милошевски беше претставен како македонски амбасадор за мир. Гордо држејќи го знамето на својата татковина, Милошевски ја претстави Македонија во повикот за мир, придружувајќи им се на учесниците од целиот свет во прогласувањето на „Мир“ за секоја нација. Оваа инклузивна традиција ја истакнува мисијата на настанот за промовирање култура на мир меѓу поединците, заедниците и народите.

„Длабоко сум благодарен и почестен што денеска бев избран за „Амбасадор на мирот“ на овој светски настан во Чикаго! Од срце благодарам на организаторот и Конзулатот на Македонија во Чикаго, посебно на нашиот конзул за оваа неверојатна можност и искажана доверба. Да ја претставувам мојата сакана татковина Македонија и гордо да го држам нашето знаме на еден ваков значаен настан е привилегија која не се опишува со зборови. Како посветен каратист, постојано се потсетувам дека мирот не е само состојба на битието, туку континуирано патување. Тоа е патување на дисциплина, почит и хармонија. И во животот и во каратето, треба да се стремиме кон градење мостови на разбирање и ширење на мирот во секој агол на светот. Заедно, да ја рашириме оваа мисија“, изјави Дејан Милошевски!

Денот на мирот во Чикаго служи како моќно потсетување за пионерската улога на градот во глобалното градење на мир, сега вклучувајќи претставници од над 190 земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON