Дејан Георгиевски го освои бронзениот медал од Европското првенство во У-21 во таеквондо во Софија, и влезе во историјата на македонското таеквондо како прв носител на одличје од европски шампионат.
Георгиевски во категоријата над 87 килограми во првото коло го совлада Емре Атлеси од Турција со 14-6, потоа Гркот Панагиотис Тапеинос со 10-6. Во борбата за влез во финалето нашиот репрезентативец беше тесно поразен од Русинот Вадим Мелников 10-9. Но,на тоа влијаеше повреда на левата нога во првата борба, на која има скршеница. Буквално се бореше со една нога во наредните две борби.
По пристигнувањето во Македонија на Дејан Георгиевски му беше приреден величествен дочек во скопската Општина Бутел. Стотици граѓани на Општината излегоа да го поздрават првиот Македонец кој се запиша во историјата на таеквондо спортот и еден од кандидатите за учество на Олимписките игри во Токио 2020 година.
Инаку Дејан има 17 години, а таеквондо тренира 8 години и досега има освоено над 100 меѓународни натпревари. Тој е актуелен балкански шампион, има два златни медали на Г-1 турнирите – по еден во јуниорска и во сениорска конкуренција.
Како се чувтсвуваш по сето она што ти се случи?
-Се чуствувам исполнето, но во исто време чуствувам и глад за поголем успех. Едвај чекам да ја поминам рехабилитацијата од повредата и повторно да ги помирисам татамите.
Го освои првиот медал во олимпискиот спорт такевондо како натпреварувач кој тренира и живее во Македонија. Дали имаше трема, бидејќи сите погледи беа свртени кон тебе откако дугите репрезентативци не пројдоа баш најдобро?
-Не чуствував никаков притисок, јас очекував златен медал, но повредата си го направи своето. Инаку, имаше доста добри борби од страна на останатите репрезентативци. Сепак, тврдам дека се работи за златна генерација на македонското таеквондо.
Што значи сето ова за тебе и за македонското таеквондо?
-За мене значи голем поттик за понатаму, а за македонското таеквондо значи голем пример дека и на врвните натпреварувања можеме да освоиме медал. Ние, како репрезентација, стануваме респректабилна сила во кремот на таеквондото.
Според твоите тренери, буквално по првата борба си се борел со една нога: Колку тоа влијаеше на средбата со Русинот кој те победи со минимален резултат?
-Јас во првата борба ја повредив ногата, по еден силен удар во лактот на противниот. Едноставно, не можев ни да стојам на неа, а камоли да се борам. Затоа ова е боречки спорт, а ние сме борци, и според тоа, не постои граница. Кога помислив дека ја бранам честа на мојата земја, едноставно ја елиминирав огромната болка од сркшеницата. Русинот ќе го добиев со доминација доколку немаше повреда.
Мразот е скршен. Што може да очекуваме сега, односно, дали е на ред и сениорски медал, каде што конкуренцијата е многу голема?
-Секако дека ќе има медал и во сениорска конкуренција на европско и светско првенство. Инаку, да потсетам, веќе донесов еден златен сениорски медал од Г-1 турнир во Софија, кој е од највисока класа во таеквондо, каде што го совладав вториот сениор во Европа.
Ќе го видиме ли Дејан Георгиевски на Олимпијадата во Токио 2020?
-Ќе одам во Токио! И тоа не само јас, од Македонија ќе има уште натпреварувачи.
Како го доживеа дочекот во Бутел?
-Во Бутел ме чекаа над 200 радосни и горди граѓани. Тоа ми даде голем стимул за побрзо да закрепнам и да се вратам на татамито. Голема благодарност до моите сограѓани.
Ipon.mk/В.Д.