Непоразениот американски боксер Давид Бенавидез има договорено меч за февруари против Кубанецот Дејвид Морел, а со уште една победа, која би била негова 30-та во кариерата, сака да го отвори патот за поголеми борби.
Она што го сака во 2025 година не е борба против Канело Алварез, туку борба со Дмитри Бивол или Артур Бетербиев.
Бетербиев пред повеќе од еден месец го победи Бивол со мнозинска одлука и стана неприкосновен владетел во полутешка категорија, а се шпекулира дека двајцата би можеле да имаат реванш следната година.
Бенавидез долго време сакаше да се докаже против елитни имиња во боксот, но неговата потрага да обезбеди борба против Канело Алварез секогаш завршуваше неуспешно.
За тој потенцијален меч речиси веќе не се зборува, па боксерот од Аризона се врти кон некои други предизвици и бара голем меч во полутешка категорија.
„Подготвен сум да продолжам да доминирам во таа тежинска категорија. И, ако Бетербиев и Бивол повторно се борат, се надевам дека ќе добијам шанса да се борам со победникот“, рече Давид Бенавидез, а потоа продолжи:
„Се стремам само кон успех. Веќе психички се подготвував некако за борбата против Бетербиев или Бивол. Му се јавив на мојот промотор и побарав натпревар против Морел. Таа борба доаѓа во совршено време. Тој е млад борец и шампион“.