Ислам Махачев го победи Александар Волкановски на неодамнешниот настан во Перт и го одбрани шампионскиот појас на УФЦ во лесна категорија.
Дагестанскиот борец со едногласна одлука на судиите го победи владетелот во перо категорија и првпат го одбрани златниот појас.
По мечот, Австралиецот со македонско потекло побара реванш, при што предложи тој да се одржи во Абу Даби, на што Махачев се согласи.
Но, Волкановски прво ќе треба да го одбрани појасот во перо категорија против Јаир Родригез.
Поранешниот двократен шампион, а сега коментатор на УФЦ, Даниел Кормиер, истакнува дека Махачев и Волкановски не треба веднаш да договорат реванш.
„Ислам има многу работа во лесна категорија, а во својата дивизија го има и Александар. Волкановски му ја должи можноста на Јаир Родригез да стане светски шампион“, истакна Даниел Кормиер и продолжи:
„Не знам дали би било во ред за Бенеил Дариуш и Чарлс Оливеира доколку не добијат шанса да се борат за појасот. Луѓето сакаат да гледаат супер борби, но на категориите им требаат шампиони“.