Реваншот меѓу Александар Усик и Даниел Дубоа е официјално договорен. Борбата ќе се одржи на стадионот Вембли во Лондон на 19 јули ова лето, а победникот ќе ги освои сите четири главни појаси (ВБЦ, ВБА, ВБО и ИБФ) и со тоа ќе стане апсолутен шампион во тешка категорија.
Двајцата првпат се сретнаа во август 2023 година кога Усик победи со прекин во деветата рунда. Таа борба предизвика контроверзии бидејќи Усик беше нокаутиран претходно во борбата со удар во телото, но судијата го прогласи ударот за низок и затоа немаше броење.
Следната година, во мај 2024 година, Усик стана првиот апсолутен шампион во ерата на четири појаси во првата борба против Тајсон Фјури, но беше принуден да се откаже од титулата на ИБФ кратко потоа заради тоа што не се придржуваше до наредбата до задолжителен предизвикувач.
Дубоа ја освои привремената титула на ИБФ во борба против Филип Хрговиќ, а подоцна „ДДД“ беше промовиран во целосен шампион на ИБФ. Го одбрани тој статус во септември со одличен нокаут над Ентони Џошуа, а три месеци подоцна, пред Божиќ, Усик повторно го победи Фјури и ги задржа појсите на ВБЦ, ВБО и ВБА.
Сега Усик и Дубоа повторно ќе влезат во рингот и ќе ги стават своите титули на коцка, а британскиот тешкаш го сподели својот дневен тренинг ритуал, односно подготовка за борбата против украинскиот „Мачор“.
„Каде што тренирам, можам да ги видам лаковите на стадионот Вембли. Секој ден ги гледам, ги зјапам (визуелизирајќи ја борбата). Не сум суеверен. Едноставно нормален. Секој си има свој начин, а јас сум рутински човек. Би поминал покрај црна мачка, бела мачка, не ми е важно“, изјави Дубоа за Токспорт.
Дали таквата рутина на гледање на лаковите на Вембли ќе му помогне во борбата против непоразениот Усик, останува да се види на 19 јули.