Даниел Дубоа го брани шампионскиот појас против Џозеф Паркер: Цело време се чувствувам како аутсајдер

Британскиот боксер Даниел Дубоа следниот месец по втор пат ќе ја брани титулата во тешка категорија на ИБФ на настан во Саудиска Арабија.

Дубоа ќе се бори со Новозеландецот Џозеф Паркер на настанот „Последното крешчендо“ во Ријад, кој го предводи реваншот меѓу апсолутниот шампион во полутешка категорија Артур Бетербиев и Дмитри Бивол.

Големиот Британец се враќа во рингот по импресивната победа минатата година на преполниот Вембли против сонародникот и поранешен двократен шампион Ентони Џошуа.

Но, и покрај тоа што во мечот влезе како шампион кој го нокаутира Еј Џеј, Даниел тврди дека не се чувствува како фаворит против Паркер.

„Цело време се чувствувам како аутсајдер. Никогаш не го губам тој менталитет. Ми се допаѓа да бидам „црн коњ““, вели Даниел Дубоа и продолжува:

„Подготвен сум да изненадам и да го заспијам Паркер. Сите момци кои доаѓаат пред мене треба да знаат како ќе завршат. И тој ќе се обиде да ми ја скине главата, знаеш што да очекуваш. Ова е војна и јас сум сто проценти подготвен на се. И ќе го нокаутирам и ќе продолжам понатаму, така мислам“.

Паркер ќе биде вториот противник на Дубоа по освојувањето на светската титула откако Александар Усик го ослободи појасот на ИБФ минатата година.

Победникот од мечот меѓу Дубоа и Паркер најверојатно ќе биде следниот противник на Украинецот во новиот меч за апсолутен шампион во тешка категорија.

Усик го победи Тајсон Фјури по втор пат во реваншот минатиот месец за да ги одбрани појасите на ВБЦ, ВБО и ВБА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО