Џон Џонс и Стипе Миочиќ конечно треба да се сретнат на 9 ноември во долгоочекуваниот меч за титулата на УФЦ во тешка категорија, но и монументалното боречко наследство. Планирано е победникот од таа пресметка да се соочи со „привремениот“ шампион Том Аспинал, но под знак прашалник е како понатаму ќе се развива ситуацијата, бидејќи и за Џонс и за Миочиќ меѓусебниот судир потенцијално би можел да биде последен во нивните кариери.
Според информациите кои ги објави Дана Вајт во неговиот последен настап, Миочиќ сигурно ќе ги закачи ракавиците по борбата со Џонс.
„Стипе 100 проценти ќе се пензионира по оваа борба“, беше решителен шефот на УФЦ за време на интервјуто со новинарот за боречки спортови, Кевин Ајол, а за иднината на Џонс рече:
„Знаете што зборувам за Џон Џонс и што мислам за него како борец. Тој секогаш сака да се предизвикува себеси, се искачи во тешка категорија… Не знам точно што ќе прави по оваа борба, но би бил шокиран да се испроба против Том Аспинал.
Да потсетиме, Стипе во „судирот на титаните“ ќе влезе со 42 години на грб, а последен пат се бореше на крајот на март 2021 година (пораз со нокаут од Френсис Нгану), додека Џонс ќе има 37 години на денот на борбата, со тоа што последниот меч што го одработи е на почетокот на март минатата година, кога за нешто повеќе од две минути го заврши Сирил Гане.