Набрзо откако Џон Џонс мистериозно објави на социјалните мрежи дека „очекува наскоро да се врати во октагонот“, иако се уште е во тек истрагата против него за употреба на забранети стимуланси, претседателот на УФЦ, Дана Вајт, исто така даде изјава што алудира за евентуална позитивна разврска на случајот со Џонс.
Потсетуваме дека Џон Џонс беше изземен од учеството на УФЦ 200, откако стана јасно дека тој користел недозволени средства пред закажаниот меч со Даниел Кормиер.
Од таборот на Џонс ја протежираат верзијата дека тој ненамерно земал забранети препарати, а Дана Вајт фрли „бомба“ дека најверојатно Џонс воопшто не го направил она што секој мисли дека го направил.
„Не знам дали ова воопшто е јавно, ниту, пак, дали имам право да зборувам“, изјави Вајт, продолжувајќи: „Обично зборувам за сите, но кога станува збор за медицински работи, не можеш да го правиш тоа. Сепак, се чини дека Џон Џонс не го змеал препаратот за кој секој мисли дека го земал. Изгледа дека станува збор за нешто друго“.
„Ќе оставам работите да се случуваат, а, ако ова е точно, тогаш работите може да изгледаат добро за Џон Џонс“, додаде Вајт.