Шефот на УФЦ, Дана Вајт, се чини дека има се помалку трпение во преговорите со еден од најдобрите ММА борци во историјата, Џон Џонс. Поранешниот шампион во полутешка категорија веќе некое време се обидува да преговара со лидерите на најсилната ММА организација за поголема сума пред да влезе во октагонот против шампионот Френсис Нгану.
„Коски“ сака нов договор за да обезбеди заработка како што има ѕвездата Конор Мек Грегор, но Вајт и компанијата не се премногу воодушевени од тоа.
Последната борба Џонс ја имаше во февруари минатата година кога го победи Доминик Рејес, па реши да се пресели во тешка категорија.
„Џонс има договор со УФЦ. Имавме неколку средби и се обидовме да се договориме тој да се врати во борбите. Но, што ако не сака да се бори во тешка категорија. Што можеме да сториме? Прашува Дана Вајт, додавајќи:
„Не можеме да го натераме да се бори. Дерик Луис во моментов е прв предизвикувач за титулата во тешка категорија. И не зависи од нас, дали тој сака да се бори или не“.
Неодамна шампионот Стипе Миочиќ најави враќање на тронот, а започна и напорно да тренира за да си го врати појасот на УФЦ.
Најголемиот тешкаш во историјата на УФЦ би можел да биде следниот предизвикувач, односно да го чека победникот од дуелот Френсис Нгану – Дерик Луис.
„Џон Џонс јасно стави до знаење дека не сака да се бори против Стипе Миочиќ, затоа нема потреба да се трошат зборови на тоа. Прво ќе организираме борба меѓу Дерик Луис и Френсис Нгану, а победникот ќе ја брани титулата против Миочиќ. Стипе ќе биде следниот предизвикувач за титулата“, истакна Дана Вајт.