Чендлер е измамник и валкан борец. Изгледаше срамно против Оливеира, но уживав гледајќи го

Мајкл Чендлер импресионираше многумина со својот настап против Оливеира, но не и неговиот голем ривал од Белатор.

Мајкл Чендлер го забележа четвртиот пораз во последните пет настапи пред нешто повеќе од една недела. По долго отсуство од кафезот и чекање на толку посакуваната борба со Конор Мек Грегор, „Железниот“ го загуби трпението и се сврте кон други опции.

УФЦ му понуди шанса за реванш со Чарлс Оливеира и да му се одмазди за поразот во мај 2021 година. Оливеира тогаш го победи Чендлер во меч за појасот на УФЦ во лесна категорија, но Чендлер беше многу блиску до победа со ТКО во првата рунда.

Мајкл се надеваше дека во реваншот ќе го направи тој мал дополнителен чекор што му требаше за победа, но Чарлс Оливеира доста доминантно го совлада во реваншот Мајкл. Освен воведните две минути од петтата рунда кога Чендлер го потресе Оливеира со серија удари, целиот останат дел од мечрот беше за Чарлс Оливеира. Сепак, Чендлер уште еднаш ја воодушеви публиката и привлече симпатии со своето срце и желба да им приреди атрактивен натпревар.

„Тој човек секогаш се обидува да победи. Секогаш доаѓа да се бори, и додека не одлучи да се пензионира, ќе има дом тука. Додека не се пензионира, Мајкл Чендлер нема да оди никаде”, изјави Дана Вајт веднаш по настанот, а многу фанови го делат неговото мислење и се подготвени да го гледаат Чендлер без разлика на резултатите од средбите на кои настапува.

Има малку борци кои толку многу ги воодушевуваат фановите дури и кога губат, но не сите се толку фасцинирани од Мајкл Чендлер. Брент Примус, поранешниот ривал на Чендлер во Белатор, беше доста остар со критиките за настапот на Мајкл против Оливеира.

„Човеку, тој изгледаше многу ужасно минатиот меч. Не можев да верувам, мислам дека неговиот настап беше срање. Работата со нозете, паѓаше во кафезот. Фрлаше удари со десна рака како да фрла бејзбол. Не бев импресиониран од неговиот настап и неговиот говор по мечот, беше лут. Една или две рунди можеше да постигне 10-8, но такви работи се случуваат кога ќе паузираш две години чекајќи некого. Ова беше срамно издание од Чендлер“, изјави Примус за ММА фајтинг.

На средбата меѓу Чендлер и Оливеира, многумина забележаа како Мајкл во неколку наврати користеше недозволени потези. Ја фати оградата од кафезот, го удри Оливеира во задниот дел од главата, а Бразилецот примил и неколку убоди во окото. За тоа и Примус му забележува.

„Не ми се допаѓа тој човек (Чендлер). Мислам дека Чендлер е измамник и валкан борец. Едноставно не ми се допаѓа тој човек. Гледајќи како Оливеира го раскинува, беше забавно”, додаде Брент.

Инаку, Примус и Чендлер двапати се бореа во рамките на организацијата Белатор. Во средината на 2017 година Примус славеше со ТКО откако Чендлер го повреди зглобот многу рано и не можеше да се потпре на ногата. Примус потоа стана шампион на Белатор во лесна категорија, а на крајот на 2018 година имаше реванш во кој Чендлер победи со едногласна одлука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON