Селекторот на македонската студентска репрезентација, Бошко Заборски, по освојувањето на боронзениот медал во борби екипно жени на Светското универзитетско првенство во Брага, Португалија, вели дека поен разликата била пресудна и ја донела победата и бронзениот медал на Македонија.
Нашата репрезентација во борбата за бронзениот медал ја совлада Норвешка со поен разлика при резултат 1-1.
„Како што претходно кажав, овој медал е највиско достигнување во досегашната историја на македонските карате тимови во женска конкуренција во дисциплината екипно борби. Овие девојки сега можат да се пофалат и со освоен медал од Светско првенство“, изајви Заборски по борбата за третото место.
Тој вели дека сите се пресреќни во овие моменти и многу се задоволни од постигнатите резултати во Брага, Португалија.
„Направивме голем резултатски успех, освоивме вкупно три медали и остваривме висок пласман на петтото место. Со тоа, до сега го постигнавме најголемиот успех во македонската универзитетска карате историја во дисциплината борби во женскиот дел“, истакнува Заборски.
На слекторот Заборски посебно му е драго што каратето е официјално прогласен за Олимписки спорт.
„Ова се и првите големи резултати и медали кои се освоени од македонските каратисти по историската одлука. Тоа е добар показател дека во каратето треба да веруваме и да се обидеме да постигнеме олимписки норми во временскиот период кој ни претстои. Репрезентативките континуирано докажуваат дека имаме извонреден потенцијал во женскиот дел во дисциплината борби и тоа треба да го искористиме и да ги поддржиме овие прекрасни спортистки во остварување на нивните спортски цели. Денеска првенството се затвора и ние ќе си заминеме од Брага со прекрасни спомени. Следното карате Светско првенство ќе биде организирано во Кобе, Јапонија, по две години“, нагласи Заборски, видно среќен од успехот на СУП.
Тој се заблагодари од името на сите на нивниот спонзор и поддржувач компанијата „Макпетрол“, на Универзитетската карате федерација и на Карате федерацијата на Македонија, за поддршката што и ја даваат и што и овозможија да бидат составен дел од оваа спортска манифестација.
На крајот вели: „Само да потсетиме дека патот во елиминациските делови, покасно и во репасажните борби, до освојувањето на медалот не беше ни малку лесен. Успеавме во елиминацискиот дел да ги совладаме екипите на Максико 2-1, Словачка 1-0, Англија 1-0, загубивме минимално 0-1 од Египет и на крај ја совладавме и репрезентацијата на Норвешка 1-1, со подобра поен разлика“.
Тој нагласи дека Симона Заборска (-55 кг) и Наташа Стефановска (-61 кг) ги освоија сребрените медали во поединечна конкуренција. Заборска во финалето загуби со 2-0 од Емили Туј од Франција, а до финалето ги победи Саида Џедра од Алжир со 1-0, Лерез Марис од ЈАР 1-0 и Аја Ибрахим од Египет 2-0.
Наташа Стефановска загуби со судиско изјаснување по регуларните 0-0 од Џиана Лотфи од Египет. Преходно ги совлада претставничките на Алжир, Ранда Мекдас со 4-0, Јин Џиаојан од Кина 1-1- со судиско изјаснување. За влез во финалето ја совлда Барно Мирзаева од Узбекситан со 2-0.
Ipon.mk/В.Д.