По освојувањето на бронзениот медал на Наташа Стефановска на Карате 1 Премиер лигата во Салзбург, Австрија, и шансата на Симон Антиќ да биде меѓу носителите на медал, тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски, го коментираше настапот на целата екипа на овој турнир.
„За Салзбург заминавме со подмладена екипа од 10 спортисти. Тоа што сакам да го истакнам е дека сум задоволен од настапот на сите мои каратисти. Најважно во овој момент е континуитетот на освојување на медали од најелитното светско натпреварување Карате 1 Премиер лигата. Статистиката покажува дека ние на ова натпреварување во Салзбург го освоивме 31-от трофеј. Односно откако се формираше ова елитно натпреварување, ние како клуб и донесовме на Македонија вкупно 31 мадал. Од кои 7 златни, 7 сребрени и 17 бронзени медали. Овој податок го става нашиот колектив на првата позиција во нашата држава во светски и европски рамки“, заклучува Заборски.
На турнирот на Премиер лигата учествуваа 60 држави со 764 спортисти кои се натпреваруваа само во сениорска кнкуренција. Од Македонија на овој турнир заминаа околу 30-тина каратисти, но само Наташа Стефановска (-61 кг) успеа да стигне до бронзениот медал со пет победи и еден пораз. Секако треба да се спомене дека и спортистот Симон Антиќ (-84 кг), имаше борба за медал, но за жал загуби од јапонскиот репрезентативец со резултат 0-1, тој мораше да се задоволи со петата позиција. Симон во полутешка категорија имаше 4 -ри победи и два порази.
ipon.mk/В.Д.