Борачите на подготовки во Тетевен, Богданов очекува медал од ЕП

Mакедонските борачи кои ќе учествуваат на Европското првенство за сениори во Нови Сад, Србија, од 2 до 7 мај, заминаа на подготовки во познатиот спортски центар Тетевен во Бугарија.

Во Бугарија ќе се подготвуваат шест борачи, меѓу нив и двајца спаринг партнери. Наши кандидати на ЕП во Србија се Владимир Егоров, Могамедгаџи Нуров, Елмедин Сејфулаху и Бобан Савев. Со нив ќе бидат и спаринг партнерите Рамадан Мустафовски и Михаил Николов. Тие ќе бидат придружувани од претседателот и заменик претседателот на ФБСМ, Бетим Вренези и Дејан Богданов, како и спортскиот директор Страшо Глигоров.
„Верувам дека подготовките во Бугарија ќе бидат успешни. Во Србија, на ЕП, очекувам барем еден медал, што би било голем успех за Македонија“, изјави Дејан Богданов.
Да споменеме дека Владимр Егоров неколку дена тренираше со борачите на Балканец и беше гост на семејството Богданови, каде и беше сместен.
Инаку, Дејан Богданов потврди дека од ден на ден се зголемува бројот на пријавените репрезентации за „Македонскиот бисер“ во Штип, 9-11 јуни.

„Годинава ќе имаме рекордно учество на репрезентации и борачи. Досега се пријавени 15 репрезентации, со околу 100 борачи. Очекуваме и нови пријави“, додава Богданов.

Ipon.mk/К.М.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON