Вчера, претседателот на Специјалниот мониторинг комитет на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Ненад Лаловиќ (Србија), упати писмо до претседателот на АИБА, Умар Кремлев (Руска Федерација-претседател на АИБА од 20 декември 2020 година), со уште едно потсетување за итно решавање на заостанатите долгови на АИБА преку следливи и веродостојни извори на приход што ќе докажат дека АИБА ќе може да ги исполни своите обврски за претстојните Олимписки игри Токио 2020 во 2021 година.
Во писмото од ИОК до АИБА се наведува и дека посебна обврска на АИБА е финансиската поддршка на развојот на боксот и поддршката на спортистите, зајакнување на АИБА со целосен нов лидерски тим, кој ефикасно ќе прифати промена на менаџментот со АИБА, нешто што треба да биде поставено во новиот Статут на АИБА. Посебен акцент мора да се стави на поддршка на работата на специјалната група на ИОК со оглед на успешната организација на боксерските квалификациски олимписки турнири за учество на Олимписките игри Токио 2020 во 2021 година.
Специјалниот комитет за набудување на ИОК е загрижен дека АИБА има направено многу мал напредок во спроведувањето на препораките на Извршниот одбор на ИОК!
Да потсетиме дека АИБА е под суспензија од страна на ИОК, а нејзиното повторно признавање ќе се процени по Олимписките игри Токио 2020 година. Во зависност од постигнатиот напредок, Специјалниот комитет за набљудување на ИОК ќе ги претстави своите препораки до Извршниот одбор на МОК, што може да вклучи потенцијално исклучување на боксот од Програмата на Олимписките игри Париз 2024 година и пошироко.