На членовите на боксерската делегација на Косово не им е дозволен влез на територија на Србија каде требаше да бидат дел од Светското првенство кое започнува утре во Белград.
Како што јавува коха.нет од косовската делегација било побарано да ги остават униформите со обележјата на Косово доколку сакаат да влезат во Србија. Тие не го прифатиле ова барање по што не добиле дозвола да влезат во Србија.
„Еден час по полноќ тргнавме за Белград. Српската полиција не запре на граница и не ни дозволи да влеземе поради косовските ознаки на тренерските и маичките. На нив пишува БФК, и ни рекоа да ги оставиме на граница доколку сакаме да продолжиме за Белград. Но, вие веќе се договоривме со Светската аматерска боксерска федерација (АИБА) да учествуваме со ознаките на Косово и поради тоа не го прифативме предлогот на српската полиција“, изјави Љатиф Демоли, генерален секретар на боксерската федерација на Косово.
Делегацијата потоа се вратила во Приштина и потоа одлетала за Цирих, Швајцарија од каде слетала на аеродромот во Белград. Но, на првата контрола по слетувањето во Белград исто така биле запрени и замолени да се вратат назад бидејќи ги носеле тренерките со обележјата на Косово.
Косово за настап на Светското првенство во Белград пријави тројца боксери, но засега не се знае дали ќе учествуваат на боксерскиот мундијал.