Легендарниот промотер Боб Арум (93) поминал децении грижејќи се за кариерите на многу големи боксери, вклучувајќи го и неодамна починатиот Џорџ Форман.
Арум го основа Топ ранг во 1973 година, каде одигра клучна улога во промовирањето на повеќе од 500 борби за светска титула во текот на пет децении, а работеше и со Мухамед Али, Флојд Мејведер Јуниор, Мани Пакијао…
Сопственикот на Топ ранг ја промовираше неверојатната победа на Форман во 1994 година над Мајкл Мурер, со што Биг Џорџ стана најстариот шампион во тешка категорија во историјата. Потоа ги освои титулите на ВБА и ИБФ.
Во едно неодамнешно интервју, Арум беше запрашан како Форман ќе се снајде против денешните ѕвезди, а тој рече дека само еден тешкаш се приближил до моќта што ја поседува.
„Големиот Џорџ прилично добро би се справил со денешните тешкаши. Не познавам ниеден борец кој има толку боксерско знаење со толкава сила во ударите“, изјави Боб Арум, продолжувајќи:
„Единствениот што му се доближи со сила е Дионтеј Вајлдер. Но, Вајлдер ги нема одбранбените вештини како што ги имаше Џорџ. Дионтеј не може да издржи толку удари како Џорџ“.