Тајсон Фјури треба да остане во пензија, бидејќи многу си должи на себе и на своето семејство – изјави шефот на Топ ранг и негов американски промотер Боб Арум.
Всушност, Кралот на Ромите во јануари најави крај на кариерата, а тоа се случи само неколку недели по вториот пораз во низа од Александар Усик.
Британскиот шампион во тешка категорија и поранешен шампион на ВБЦ најави повлекување од боксот, но ова не е прв пат 36-годишниот Фјури да објави дека се повлекува, а потоа се враќа.
Но, веќе три месеци нема информации дали Тајсон ќе се предомисли или не, без разлика што често се споменува долгоочекуваната потенцијална борба меѓу него и Ентони Џошуа.
Боб Арум во едно неодамнешно интервју изјави дека Британецот треба да се држи подалеку од боксерскиот ринг, но нека остане во бизнисот.
„Би го советувал Фјури никогаш да не се врати во рингот“, нагласи Боб Арум, а потоа продолжи:
„Верувам дека има многу пред себе во животот. Тој зборува брилијантно и интелигентно, и е одличен забавувач. Не треба повторно да влезе во рингот, бидејќи мислам дека му е доста. За среќа, во изминатите неколку години заработи толку многу пари и обезбеди егзистенција на своето семејство. Нема потреба да се враќа во рингот, сега само нека зборува, одлично комуницира со луѓето, бидејќи тие го обожаваат. Тој сè уште може да направи многу добри работи за боксот“.
Сопственикот на Топ ранг се осврна и на можна голема британска пресметка меѓу Фјури и Џошуа.
„Не сум Британец, па таа борба не ме возбудува премногу. Воопшто не жалам што тој меч никогаш нема да се случи. Тајсон е многу социјална личност. Добро комуницира, посегнува и секогаш кажува што мисли. Но, навистина не знам што мисли длабоко во себе“, изјави Боб Арум и подвлече:
„Ќе го поддржам во каква било одлука што ќе ја донесе. Никој не го присилува на ништо. Ако сака да се врати и сака Топ ранг да учествува во неговото враќање, ние сме подготвени да се вклучиме. Тоа зависи од него. Не е необразован, а не е ни глуп. Тајсон Фјури е многу паметен и бистар човек. Тоа би бил некој кој доброволно решил да се врати. Ако сака да го направи тоа, ќе го поддржиме“.