Полјакот Јан Блахович го победи српскиот борец со австрискиот пасош Александар Ракиќ на настанот УФЦ на ЕСПН 36 во Лас Вегас со прекин во третата рунда.
Поранешниот шампион во полутешка категорија стигна до својата 29-та победа во кариерата, што најверојатно ќе му даде можност да си ја врати титулата што моментално е во сопственост на Гловер Тешеира, кој се бори против Јиржи Прохаска на 11 јуни.
Ракиќ добро се бореше во првите две рунди и се чинеше дека ја контролира ситуацијата.
Но на почетокот на третата рунда му откажа коленото и со болна гримаса на лицето падна на земја и судијата го прекина мечот.
Александар го раскрвави левото око на Јан во првата рунда.
„Морам да направам мала операција, докторот се уште не знае дали ќе мора да направи нешто повеќе. Го почувствував тоа кога ме удри рано во првата рунда и не видов ништо на тоа око, но сега е добро. Тренерот мисли дека тоа е прст во око, а Александар вели дека е од удар. Не знам“, изјави Јан Блахович.
Полјакот го загуби појасот против Гловер Тешеира минатиот октомври и сега ќе добие шанса да се врати на тронот.
„Јас сум борец и воин. Телото ми беше поцврсто овој пат. Бев подготвен да се борам до крај, а тој не“, изјави Јан Блахович и продолжи:
„Добив неколку одговори на овој меч. Се чувствувам како против Адесања или Рејес. Сега во кафезот не само што си ја вршев работата, туку и добро се забавував“.
Блахович од првиот звук на сирената го опсипа Ракиќ со „лоу кикови“, а неколку пати добро го удри со десно кроше.
„Забави и го смени гардот откако неколку пати го удрив во нозете и главата. Сакав да се фокусира на моите раце, а го заморував, успеав“, изјави Јан Блахович и му посака брзо закрепнување на Александар:
„Сакам што побрзо да се врати во теретана и да почне да тренира“.